КОНКРЕТНИ МЕРКИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО-САКАМЕ ЗДРАВ ( НОРМАЛЕН) ЖИВОТ - УСТАВНО ПРАВО НА СИТЕ

0 have signed. Let’s get to 1,000!


Ви се обраќам со сета почит од мое име, името на моето дете и сите деца во урбаните средини кои се соочуваат секојдневно со загаден воздух, и бидејќи чувствувам повеќе од обврска како граѓанин на овој град (Скопје), со желба да останам да живеам во него, да направам нешто повеќе. Свесни сме сите за динамиката и непланираниот пораст на градежните зафати во главниот град на Република Македонија. Тоа е можеби и светски тренд во брзо растечки економии, па желбата за профит ги заслепува оние чии џебови се полнат со исто забрзано темпо како и скопските болници. Но, ајде да направиме нешто. Нешто што ќе биде долгорочно и конечно решение. Да им го дадеме детството на нашите деца и иднината на нашата земја и планета. Според една официјална студија, секаде почвата во Република Македонија е загадена (со исклучок на Мариовскиот крај), а тоа што е во почвата е и во водата и во воздухот – се е круг а во средината ние, и тоа не само во Скопје туку и во Тетово, Битола, Кавадарци, Струмица......

Мојот предлог е кумулативно имплементирање на предметниве мерки, и тоа:

1.      Што побрзо да се развие стратегија за престанок на изградба на згради, станбени блокови и високо катници кои уште повеќе го попречуваат протокот на воздух. Доколку се гради, тоа да биде со сите стандарди, што значи обезбедување на зелена површина тројно повеќе отколку што изнесува површината на изграденото градежно земјиште, максималната висина на станбените згради да биде 4 спрата – со мезанин (доколку има потреба од истиот), да се следи природниот тек на воздушните маси кои се придвижуваат долж реката Вардар, од Водно, од Шар Планина преку ул.Партизански одреди и сл.; Скопје како и секој друг град, да се гради во ширина-должина, а не во висина (густина) и сето тоа со план (можеби е најдобар примерот на градот Љубљана во Република Словенија);

2.      Да се ограничи возењето во централните градски подрачја со воведување на пар – непар како краткорочна мерка, во периодот кога загадувањето е најголемо а тоа се пред се месеците ноември, декември, јануари и февруари; Во оваа смисла да се направи и строгиот центар на градот (пред се на градот Скопје) пешачка зона по примерите на други градови во светот (со исклучок на пристап за возилата на брза помош и против пожарните возила)

3.      Да се изнајде начин за производство на моторни возила на алтернативна енергија, и во централното градско подрачје (урбаните населби) да се вози само на таков вид на возила (ова како дополнување на предлогот од точка 2 од ова писмо). Може да се почне со јавниот превоз, а потоа и индивидуалните автомобили -во овој случај добро би било да увеземе технологија за производство на такви автомобили, кои би се продавале или уште подобро изнајмувале на граѓаните за „симболичен“ надоместок-во оваа смисла би можело да се побараат средства од грантови од ЕУ, од ИПА фондовите или слични организации чија цел е подобрување на животната средина. (Ова решение е долгорочно, систематско и секако има потреба од етапна реализација која би траела со години – можеби и десет, но таму е нашата иднина и иднината на светот).

4.      Паметно управување со отпад, во смисла на селектирање и негова употреба т.е претворање во енергија. Вакви начини на претворање на отпадот во топлинска енергија веќе функционира во земји како Данска, Белгија и сл. Со  ова би се намалила емисијата на штетни гасови кои се јавуваат како резултат на согорувањето на отпадот, би добиле реално почиста околина а топлинската енергија која би се произвела со согорувањето на отпадот ќе може да се искористи за затоплување на домаќинствата во зимскиот период. Тоа понатаму би довело до намалување на трошоците за топлинска енергија.

5.      Во смисла на точка 4 од ова писмо, топлинската енергија за затоплување на домовите би можела да се добие и од поставување на сончеви колектори на индивидуалните куќи, односно оние кои не се приклучени на централно парно греење. Освен топлинска со сончевите колектори би се добила и поефтина електрична енергија, а со тоа и намалување на оптеретеноста на мрежата за снабдување со електрична енергија. Овде би можело да се земе и примерот со неколку земји од западна Европа, а во скоро време и Словенија, индивидуалните домаќинства преку алтернативни начини на производство на електрична енергија, доколку произведат повеќе отколку што им е потребно истата да бидат во можност да ја продаваат под точно определени законски услови на операторот со електрична енергија- на овој начин би се намалил и евентуалниот увоз на струја од странство при нејзин недостаток, а со тоа и висината на истата.

6.      Воведување на казни за фрлање на  отпад односно доследна примена на тие одредби од законот со засилено присуство на инспектори во градските средини, а посебно во деновите кога се празнува на отворено –како 1 мај и слично.

7.      Ставање на филтри на постојните фабрики и други производствени капацитети.

8.      Наместо сеча на дрвјата при планирање на изградба, истите да се дислоцираат со помош на специјални машини на друго место. Садење на автохтони сорти на дрвја листопадни, зимзелени, може и овошни во градските подрачја и околните планини, два пати годишно (пролет и есен)-во рамките редовните надлежности кои ги извршуваат претпријатија од видот на ЈП паркови и зеленило/општините.

9.      Доколку има некој поинакви идеи од моите во насока на побрзо постигнување на целта за чист воздух во урбаните средини, кои можеби би биле поекономични на долг рок, а ќе претставуваат трајно решение за чиста и нормална животна средина во која би можеле да бидеме здрави повеќе денови, и тоа е повеќе од добредојдено или пак можеби поприфатливо а со тоа веќе сме ја постигнале целта.

10.   И за крај би сакала сето ова да биде повеќе од добра волја, желба или само законско решение кое би останало на хартија; би сакала за овие прашања да се сложни сите  политички фактори во Република Македонија, и власт и опозиција, нешто што ќе остане непроменето со било која промена на власта или прегрупирање на влијателните носечки групи во законодавната и извршната власт, бидејќи сите ние сме граѓани на оваа земја и сите дишеме ист воздух и пиеме иста вода и јадеме иста храна.....сите сме исто и едно.

Можеби во оваа насока би било добро да се потпише еден вид на договор, спогодба или меморандум, дека по однос на прашањата поврзани за животна средина гарантираат и се одговорни подеднакво сите политички партии во Република Македонија без разлика дали се на власт или опозиција.

 

Ви благодарам доколку сте го прочитале моето писмо, а уште повеќе доколку навистина се преземат конкретни мерки кои доследно ќе се применуваат и спроведуваат од сите нас, граѓаните.

 



Today: irena is counting on you

irena 2018 needs your help with “КОНКРЕТНИ МЕРКИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО-САКАМЕ ЗДРАВ ( НОРМАЛЕН) ЖИВОТ - УСТАВНО ПРАВО НА СИТЕ”. Join irena and 646 supporters today.