Да покажеме дека заштитата на животната средина треба да биде приоритет

259

Let’s get to 500 signatures!
Petitions with 1,000+ supporters are 5x more likely to win!

The Issue

Во Македонија секојдневно се зборува за економијата, инфраструктурата, патиштата, инвестициите, образованието и здравството. И сето тоа е важно. Но постои еден проблем кој директно влијае врз здравјето, квалитетот на живот, работоспособноста и иднината на сите нас, а кој премногу често останува на маргините на јавната дебата: еколошката криза во која се наоѓа Македонија.

Ова не е прашање на став или политичко убедување. Податоците се тука.

Воздухот што го дишеме и понатаму е сериозен здравствен ризик. Најновата анализа на Европската агенција за животна средина, со податоци до 2023 година, покажува дека Македонија има највисока релативна стапка на здравствен товар од изложеност на PM2.5 меѓу 40-те земји опфатени во анализата. А најранливи се нашите деца. Најновиот извештај на УНИЦЕФ од 2026 година покажува дека 99,9% од децата во Македонија се изложени на штетно загадување на воздухот. УНИЦЕФ предупредува дека загадениот воздух влијае врз здравјето, учењето, развојот и благосостојбата на децата.

Загадувањето не влијае само врз белите дробови. Сè повеќе докази покажуваат влијание и врз когнитивните функции, вниманието, меморијата, донесувањето одлуки и физичката и менталната благосостојба. Кај децата, изложеноста на загаден воздух може да влијае врз когнитивниот развој и учењето.

Сето тоа има последици и врз економијата. Најновото истражување на ОЕЦД, спроведено врз повеќе од 2,5 милиони компании во Европа, покажува дека зголемување на концентрацијата на PM2.5 за само 1 μg/m³ предизвикува просечен пад од 0,55% на продуктивноста на трудот. Ефектот се должи и на зголемено отсуство од работа и на намалени когнитивни и физички перформанси кај луѓето кои работат.

Затоа загадувањето не е само еколошко прашање. Тоа е прашање на јавно здравје, образование, економија и квалитет на живот.

Воздухот е само еден дел од проблемот. Со децении се соочуваме со несоодветно управување со отпадот, диви и нестандардни депонии, депонии и ѓубришта кои се палат и дополнително го загадуваат воздухот, а долготрајното несоодветно одлагање создава ризици и за почвата и подземните води. Истовремено, неконтролираната урбанизација и непочитувањето на принципите на одржливо просторно планирање го намалуваат просторот за зеленило и создаваат градови кои стануваат сè помалку отпорни на топлотни бранови и климатските промени. Се соочуваме и со сè поголем притисок врз водните ресурси, додека изворите од кои зависат цели населени места не секогаш ја добиваат заштитата што ја заслужуваат.

И покрај сето ова, реакција премногу често се сведува на ад-хок решенија.

Кога граѓаните ќе реагираат, се испраќа допис. Кога ќе се зголеми загадувањето, се објавува препорака. Кога ќе настане проблем, се воведува привремена мерка.

Субвенциите за инвертер-клими и слични мерки можат да бидат дел од решението. Но тие не можат да ја заменат долгорочната визија, системскиот пристап и сериозната посветеност на спроведување сеопфатни политики. Другите развиени земји покажуваат дека подобрувањето на животната средина не се постигнува со една мерка, ниту со една буџетска година. Се постигнува со континуирани политики, инвестиции, технологии, институционална посветеност и истрајност во нивното спроведување. Тоа е она што ни недостига: не уште една привремена мерка, туку јасна визија како сакаме да изгледа Македонија по 5, 10 и 20 години.

Не сакаме животната средина да биде тема на која се реагира само кога граѓаните ќе го кренат гласот. Сакаме да биде дел од начинот на кој ја планираме економијата, градовите, енергетиката, транспортот, управувањето со отпадот, водите и природните ресурси.

И не, ова не е прашање за „заштита на пеперутките на Галичица“. Иако и природата заслужува заштита. Ова е прашање за тоа каков живот им овозможуваме на луѓето кои денес живеат во Македонија и на децата кои утре ќе ја наследат.

За чист воздух.
За безбедна вода.
За градови во кои има простор за живот.
За средина во која децата можат здраво да растат.
За луѓе кои можат да работат, учат и живеат без постојано да ја плаќаат цената на загадувањето.

Со децении експерти, научници, здравствени работници, активисти и граѓани предупредуваат на овие проблеми. Од надлежните често го слушаме објаснувањето дека животната средина не е доволно високо на листата на приоритети затоа што не е приоритет за граѓаните. Можеби животната средина е едно од последните поглавја во процесот на преговорите со Европската Унија. Но не мора да чекаме членство за да почнеме да ги штитиме сопствените граѓани. Не мора некој однадвор да ни каже дека чистиот воздух е важен. Не мора да чекаме европска обврска за да сфатиме дека здравјето на нашите деца е приоритет.

ТОКМУ ЗАТОА ЈА ЗАПОЧНУВАМЕ ОВАА ПЕТИЦИЈА.
Ние не сакаме да зборуваме во име на граѓаните.

Сакаме граѓаните самите да покажат.

Со оваа петиција сакаме да собереме голем број потписи и јасно да покажеме дека чистиот воздух, безбедната вода, правилното управување со отпадот, заштитата на природата и здравата животна средина се приоритет за граѓаните на Македонија.

Ова не е петиција за една политичка партија, една власт или една институција. Ова е можност граѓаните да испратат едноставна и јасна порака:

ДА, ЖИВОТНАТА СРЕДИНА НИ Е ПРИОРИТЕТ.

Petition Updates

Share this petition

Petition created on September 13, 2026