ШЧО НАПРАИФТЕ И ШЧО ТРЕБИТ ДА ПРАИМЕ ЗА ОДНАПРЕД?

0 have signed. Let’s get to 500!


ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ПОЛИТИЧКИТЕ ЛИДЕРИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА:
ШЧО НАПРАИФТЕ И ШЧО ТРЕБИТ ДА ПРАИМЕ ЗА ОДНАПРЕД?


Длабоко загрижени и вознемирени од начинот на кој Владата на Република Македонија го води процесот на разговори со Република Грција околу нашето уставно име и национален идентитет, чувствуваме историска одговорност да не молчиме и да ѝ се обратиме на целата македонска и светска јавност, во духот на мислата на Мисирков, нашиот духовен татко. за нас особено вознемирувачко е инсистирањето на брзо и нетранспарентно „решавање“ на спор, кој ни е наметнат, или поточно кој ниту е спор, ниту е решлив. Апелираме пред да се продолжи во оваа насока, сите одговорни политичари и граѓани да си го постават прашањето: шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Преземените чекори и сторените грешки од изминатите 25 години, вклучително и денешната какофонијата на претставниците на Владата, коалиционите партнери, но и опозицијата,јасно покажуваат дека се создава подготвеност за потези кои можат да доведат до огромна и непоправлива штета на историските и националните интереси на Република Македонија, на нејзините граѓани и на Македонците како народ. Не помалку важно е што „решавањето“ на непостоечки спор може да доведе до загрозување на мирот и безбедноста во земјата и регионот. Патот до пеколот е поплочен со добри намери, напиша одамна Данте, а мирисот на сулфур денес допира сѐ поголем број граѓани, и во земјата и надвор од неа. Она што за политичарите претставува позитивна атмосфера и национален консензус, од наша перспектива е симулакрум со опасни последици. Од тие причини, чувствуваме граѓанска должност да укажеме,опоменеме и апелираме:

Прво, Република Македонија е мирољубив член на меѓународната заедница, и нема ниту еден активен спор со ниту една држава членка на ОН. Нашето право на самоопределување и самоидентификација не потекнуваат од 1991 година, туку се резултат на историски процес на самоафирмација и борба за сопствена држава која симболично започна со првиот Илинден, а беше крунисана со вториот - со заседанието на АСНОМ од 1944 година! Третиот Илинден од 8 Септември беше само чин на континуитет, легитимиран со наодите на Извештајот на Бадинтеровата комисија и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година. Престанете да се однесувате како Република Македонија да е виновна за тоа што постои - и во најмала рака, да ја изедначувате позицијата и однесувањето на државата на чие чело стоите со однесувањето на Република Грција, која го наметна спорот не само од националистички, туку и од многу прагматични причини! „Политиката на шарм“, непоткрепена собарем елементарна стратегија и политичка изградена позиција, лажно се претставува како национален консензус! Власта не само што не е отворени за консултации со научните и стручни кругови, туку и ги игнорира оние кои со внимателност и мудрост се обидуваат да помогнат, укажувајќи им на сите Сцили и Харибди низ кои така беневолентно минуваат последните месеци. Запрепастени сме што премиерот на Република Македонија на „тајна вечера“ ги советува новинарите како да известуваат за процесот на преговарање, додека сопствените граѓани се држат во незнаење и темнина! Тоа е срам не само за Владата, туку и за новинарите! Притоа, со неверојатна леснотија на постоењето молкум и насмеани гледате како иредентисти нѐ обвинуваат за иредентизам, наивно верувајќи дека е тоа конструктивност. За разлика од премиерот на Република Македонија, грчкиот премиер пред парламентот ги обзнанува црвените линии: промена на уставот и промена на името за севкупна употреба (erga omnes, што значи и кон надвор и кон внатре). Македонските граѓани кои мирно и достоинствено очекуваат елементарно почитување на Повелбата на ОН и на нивите меѓународно загарантирани права, во вашите божем дипломатски изјави, ги поистоветувате со националисти! Каде е Вашиот национален и граѓански корен, Вашата „македонска жичка“, господине Премиер? Како премиер Вам Ви е должност да ги браните интересите на македонските граѓани!

Второ, приемот на Република Македонија во ОН беше извршен со флагрантно кршење на Повелбата, при што на државата ѝ беа наметнати два дополнителни и згора нелегални услова - обврска во меѓународните односи да биде претставувана под референцата (бивша југословенска Република Македонија), како и да разговара/преговара со Грција околу разликите во врска со името. Поради слабоста на државата, неспособната дипломатија и плашливото и субмисивно државно водство, „разговорите“ прераснаа во „преговори“, за конечно да бидеме исправени пред ултиматум кој оваа Влада заедно со опозицијата е подготвена да го прифати и да го промени уставното име на државата, која е наша заедничка политичка заедница. Прашуваме: зошто Владата не ги користи сите правни, политички и морални адути, кои се недвосмислено на страната на државата, Република Македонија? Зошто молчите во врска со Бадинтеровиот извештај? Зошто се однесувате како виновници-иредентисти кога в рака ја имате пресудата на Меѓународниот суд на ОН? Во неа експлицитно се аргументира дека ниту едно дејствие на нашата држава за кое сме обвинети, и што Вие го прифаќате како аргумент на грчката страна, е или било иредентистичко. Зошто непотребно создавате чувство на ургентност кога не е вистина дека проблемот мора да се реши за неколку месеци? Дали некому сте дале ветување со кое ние не сме запознати?

Трето, мораме да ги потсетиме и политичарите и целата македонска јавност дека одлучувањето за вакво прашање излегува од рамките на со Устав регулираните надлежности на носителите на власта! Никој, вклучително и Владата, Собранието и Претседателот на Републиката нема уставно овластување да одлучува за промена на името, дури и ако е „само“ за меѓународна употреба! Вашето ветување дека народот ќе одлучи на референдум, исто така, не е засновано ниту на Устав ниту на закон, бидејќи не постои норма од позитивното право за распишување референдум, ниту консултативен, ниту задолжителен - бидејќи промената на името на државата, а особено одредбите за идентитетот, не се во надлежност на Собранието на Република Македонија! Скандалозно е пратеници на Собранието, односно членови на политички партии, да разговараат или преговараат со Метју Нимиц и за тоа да зборуваат во медиумите! Кој ги овластил да вршат ваква функција? Дали и ова прашање политичките елити ќе го „киднапираат“ и решаваат вонинституционално и вонуставно?

Вие, како Влада сте избрани од пратениците избрани на демократски избори, а врз основа на политички програми во кои не се обврзавте дека ќе го промените името на државата по секоја цена. Уште повеќе, ниту еден политичар нема ни морално право да го избрише фактот дека во изминатите 27 години, дури 137 држави нѐ признаа под уставното име, а нашите официјални државни претставници во меѓународната комуникација го користат уставното име (the Republic of Macedonia, во англиската комуникација). Ние, интелектуалците, културните работници, писатели, научници, уметници, лекари и професионалци од сите области, со своите меѓународни постигнувања успеавме да се избориме нашите колеги и партнери да нѐ почитуваат и ословуваат на начин кој е вообичаен за сите други, државјани на трети земји. Ние сме тие кои секојдневно комуницираат со Европа, кои се третирани како Европејци, и кои постигнуваат врвни резултати именувани како Македонци/Македонки, па затоа никој нема право во наше име да го преименува нашето творештво и резултати.

Четврто, недозволиво е, и е израз на крајна политичка ароганција граѓаните да бидат третирани како поданици или како инфантилни, и од нив да се крие она за што преговарате без наша согласност! Ниту еден политичар не добил бланко дозвола од нас да избира „кумови“, дури и ако се тоа НАТО и ЕУ. Без политичка визија, храброст и доблест, Вие, политичарите и од власта и од опозицијата, се обидувате да задушите секаква суштинска дебата и избегнете отчет пред граѓаните, за чиј идентитет преговарате. За да нѐ замолчите се служите со недолични средства, нарекувајќи нѐ - директно или индиректно - националисти, реакционерни елементи и анти-западно ориентирани кругови. Граѓаните имаат ПРАВО да бидат информирани, во најмала рака, како и граѓаните на соседна Грција, за она што го преговарате зад нашиот грб и без наша дозвола! Никакви причини на дипломатска тајновитост не можат да се користат како оправдание, бидејќи овде станува збор за права за кои се избориле нашите предци, а не Вашите гласачи! Успехот на процесот ќе зависи од Вашата отвореност и храброст да се соочите со својот народ и да ја побарате неговата доверба, СЕГА и ВЕДНАШ, а не post festum, и преку политика ка свршен чин! Стоиме пред Вас единствени и решителни, правејќи последен обид да Ве предупредиме јавно и Вас, политичарите од власта и опозицијата, но и целата македонска јавност дека наближува мигот во кој Вие ќе преземете историска одговорност! Пред да го сторите тоа, должни сме како интелектуална совест на нацијата да Ви укажеме дека ја имате сета слобода на светот да извршите политичко самоубиство. Но, како избрани политички лидери на оваа држава немате право да спроведувате политика на национално самоукинување. Доколку постапите спротивно на природното право кое му припаѓа на секој поединец и на секој народ на светот, согласно актите на ОН, но и спротивно на Уставот на Република Македонија на кој сте се заколнале, должни сме да Ве предупредиме дека ќе извршите национално предавство! Овој проглас го упатуваме и до најголемата опозициска партија, но и до сите други (замолчани) вонпарламентарни партии. Имаме чувство дека е создадена чудна спрега меѓу оние на врвот, кои се конфронтираат по најбанални работи, сега чудесно се обединија во „конструктивен дух“ да ја разградат Република Македонија. Ќе Ве сметаме за соучесници, без оглед на политичкиот исход.

Тргнувајќи од фактот дека Република Македонија е сѐ што имаме, дека таа е нашата единствена политичка заедница, а политичка заедница нема без идентитет, без есенцијални вредности околу кои се создала и кои ги негува, и без демократија и заемно почитување, ние долупотпишаните одлучивме да истапиме јавно во битката за нашите човекови права, достоинство и интегритет кои не се предмет ниту на преговори, ниту на пазарења за влез во меѓународни организации, како НАТО или ЕУ.

Сфатете го овој проглас и како предупредување дека со ваквото водење на дипломатската кампања не само што се отуѓувате од сопствениот народ и како влог го ставате сето она за што многу генерации гинеле со името „Македонија“ на устите во зандани и на бојно поле, но и ја граделе оваа држава и ја афирмирале надвор од нејзините граници. Инсистирајќи на „решавање на спор’ во кој ни Соломон не би се впуштил, Вие директно предизвикувате несигурност, страв и можен внатрешен конфликт. Наместо да ја сплотите нацијата и да создадете вистински национален консензус околу внатрешните приоритети и демократски вредности, Вие приоритет ѝ давате на надворешната политика која ја водите по надворешен диктат, воден од геополитички интереси. Се оглушувате од пулсот на својот народ, со насмевка трчајќи кон бездна! Вас ќе Ве прежалиме, но Република Македонија и идентитетот на македонскиот народ не се на продажба!

Подготвени да (оп)стоиме до крај, и да ги повикаме сите граѓани на Република Македонија, без оглед на политичка, социјална, верска или етничка припадност,да се придружат на иницијатива за прекинување на оваа дипломатска авантура. Бараме да престанете да вршите притисок врз јавноста дека е ова историски миг за влез во НАТО, бидејќи фактите зборуваат дека самит не е потребен доколку членките на НАТО одлучат да ја примат земјата без уцени, а согласно Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата на ОН. Македонија ни е поважна од која било меѓународна организација! Наместо тоа, свртете се и погледнете го сопствениот двор, кој е затрупан од скршени ветувања и разочарувања. Ниту една меѓународна инстанца нема да може да го направи она што е наша домашна задача, а за што сте првенствено одговорни Вие! Бараме веднаш да почнете консултации околу предлогот за прекин на преговорите со посредство на Метју Нимиц и за обраќање до Генералното собрание на ОН како единствена меѓународна инстанца во која Република Македонија не е Давид наспроти моќниот Голијат, туку е рамноправна членка со сите држави кои нѐ признаваат под уставното име. Престанете со пропагандата дека преговорите се водат „само“ за промена на името на државата, бидејќи и на обичниот човек му е јасно дека станува збор за македонскиот идентитет, нашиот овде и оној на Македонците кои се малцинство не само во Република Грција, туку и во другите соседни земји. Доколку се оглушите на овие укажувања, сметајте на силен ненасилен отпор во целата држава, но подгответе се и да се соочите со сопствената предавничка улога по која ќе бидете запаметени од идните генерации Македонци.

ПОТПИСНИЦИ:


1. Билјана Ванковска, професор
2. Гордана Силјановска Давкова, професор
3. Солза Грчева, професор
4. Симона Груевска Маџовска, професор
5. Богдан Богданов, професор
6. Елка Јачева Улчар, професор
7. Жидас Даскаловски, професор
8. Марија Ристеска, истражувач и аналитичар на јавни политики
9. Горазд Росоклија, професор (САД)
10. Марина Цветковска, научен истражувач (Канада)
11. Кирил Барбареев, професор
12. Биљана Чакмакова, адвокат
13. Нашата Котлар, професор
14. Тодор Чепреганов, професор
15. Ѓорѓи Чакарјаневски, професор
16. Лилјана Гушевска, професор
17. Мишо Нетков, професор
18. Јане Богданов, професор
19. Наде Проева, професор во пензија
20. Рина Киркова, професор
21. Мелпомени Корнети, уметник и амбасадор
22. Роберт Велјановски, актер
23. Звонко Никодиновски, професор
24. Александар Русјаков, писател
25. Александар Шулевски, научен соработник (Холандија)
26. Мите Стефоски, културен работник
27. Мојсо Мојсовски, новинар во пензија



Today: Ico is counting on you

Ico Najdovski needs your help with “ШЧО НАПРАИФТЕ И ШЧО ТРЕБИТ ДА ПРАИМЕ ЗА ОДНАПРЕД?”. Join Ico and 252 supporters today.