Мојата црвена вело-линија

0 have signed. Let’s get to 2,500!

At 2,500 signatures, this petition is more likely to get picked up by local news!

Почитувани политичари, идни пратеници и идни членови на извршната власт,

Ние граѓаните кои возиме точак, граѓаните кои сакаме да возиме, но немаме каде или не се чувствуваме доволно безбедно, граѓаните кои се залагаме за инклузивни улици, за безбеден одржлив сообраќај, за почиста животна средина, за поздрав начин на живот, за ублажување на климатските промени, за квалитетни градови за живеење, за атрактивни јавни простори, за зелен туризам, ја поднесуваме оваа петиција насловена
МОЈАТА ЦРВЕНА ВЕЛО-ЛИНИЈА.

#ЦрвениВелолинии е име на кампањата која ја започнаа 7 граѓански иницијативи #НаТочак  од 7 градови (Скопје, Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Штип, Кочани) во март 2020 год. со цел да го скренат вниманието на политичарите и јавноста кон недостатокот од велосипедски политики, стандарди, инфраструктура.

Црвени велолинии асоцира на бојата на велосипедските ленти, но истовремено ја претставува црвената линија која ја повлекуваме.
Минимумот кој треба да се направи на поле на велосипедскиот сообраќај на државно ниво, а ќе адресира и други полиња и ќе поттикне локални промени.

Петицијата е насочена кон партиските програми по повод Парламентарните избори 2020, но уште повеќе кон политиките на институциите на државата кои речиси воопшто не го третираат велосипедот.

Бараме во програмите и политиките да вклучите визија и стратегија за унапредување на велосипедскиот сообраќај.

За да не остане на општа желба, формулиравме 10 многу конкретни барања.

Барањата ги има набројани со краток опис подолу, а разработени и илустрирани, ги има тука: https://natochak.blogspot.com/2020/03/2020-9.html (9 барања кои ги упатија граѓанските иницијативи до партиите во март)
и тука: https://cutt.ly/Ru8JSLq (10 барања = 9-те претходни + 10-тото, кризно барање)
-----------

1. ДОНЕСУВАЊЕ ПРАВИЛНИК ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ И ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКА ИНФРАСТРУКТУРА  
Стандарди за велосипедска инфрастуктура на кои ќе може да се повикаат сите општини (во моментот постојат само за автомобили, но не и за велосипеди), стандарди кои ќе создадат безбедни, одржливи и мултимодални улици за 21-ви век, без импровизации.
2. ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ЗА СИТЕ ПОГОЛЕМИ НАСЕЛЕНИ МЕСТА И НАЦИОНАЛЕН ФОНД ЗА ПОДДРШКА 
Секое поголемо населено место мора да има план за унапредување на велосипедскиот сообраќај, но и посебен задолжителен буџет наменет за тоа. Владата да формира Фонд за финансиска и стручна поддршка.
3. МЕЃУГРАДСКИ ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ И ВЕЛОСИПЕДСКИ ТУРИЗАМ
Уредување на велосипедски патеки со транспортна и туристичка функција помеѓу населени места и кон места кои имаат потенцијал за развој на туризмот, како и поврзување со соседните земји со безбедни велорути (Еуровело рутите и дополнителни). 
4. МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ДА ОВОЗМОЖАТ ПРЕВОЗ НА ТОЧАЦИ ВО ВОЗ
Како држава која претендира да биде членка на ЕУ, треба да се усогласиме со европските пракси, по заложбите на Европската велосипедска федерација (ECF), која налага обезбедување на минимум 8 места за велосипеди во возовите кои оперираат на европско ниво, наместо забраната од Македонски Железници.
5. ВИЗИЈА ЗА НУЛА ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ
Прифаќање и признавање на системска, а не само индивидуална одговорност за (не)безбедноста и жртвите во сообраќајот, и спроведување на низа поврзани и осмислени (пред сè просторни) мерки за достигнување на нула жртви (Vision Zero), концепт кој го спроведуваат сè повеќе држави и градови.  
6. ОСЛОБОДЕНИ ТРОТОАРИ, ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ, ЈАВНИ ПОВРШИНИ
Спроведување на порестриктивна политика против окупирање на јавни површини и патеки на движење, наместо досегашната пракса на толерирање, како и формирање на комунална полиција, со цел овозможување на правото на слободно движење и создавање квалитетен јавен простор.
7. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ПАРКИНЗИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ ВО СТАНБЕНИ, КОМЕРЦИЈАЛНИ, ЈАВНИ ОБЈЕКТИ
Да се пропише бројот и типот на задолжителен велосипедски паркинг за сите новоизградени објекти како мерка за стимулирање на велосипедот како превоз, а за веќе изградените објекти да се бараат решенија.
8. ВЕЛОСИПЕДОТ - ДЕЛ ОД ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС
Задолжителна теоретска настава за сообраќај и практично образование за управување со велосипед во училиштата. Мобилни училишни и трајни градски велополигони за децата и создавање вешти и одговорни учесници во сообраќајот на велосипед. Осовременување на програмата за автошколите за поодговорни идни возачи.   
9. ЕДЕН ДЕН МЕСЕЧНО – ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ ВО ЦЕЛА ДРЖАВА
Денот без автомобили да не е само инцидентна парада, туку да ја рефлектира неговата поента во вистинска смисла на зборот, за граѓаните да бидат свесни за бенефитите од не-автомобилскиот превоз. Власта да покаже искрена заложба за јавното здравје во реализацијата и успешноста на овие денови.
10. ПРОСТОР АНТИ КОРОНА - ПРОСТОРНИ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА
Поголем простор за пешачење и возење велосипед, зголемување на јавниот простор за активности на отворено за време на кризата, велосипедска алтернатива на намалениот капацитет на јавниот превоз. Идната влада како дел од мерките за справување со Ковид 19 да ги поедностави процедурите и да го помогне финансирањето на привремените интервенции.
-----------
Важноста на овие барања се потврдува и во фактичката состојба со сообраќајот во нашата земја, каде што:

● Македонија е една од државите со најнебезбеден сообраќај во Европа, а познато е дека дизајнот на инфраструктурата е примарен фактор за безбедноста.
● Стандардите и нормативите за планирање и проектирање на сообраќај се целосно автоцентрични и непроменети половина век. Немаме никакви стандарди за велосипедска и пешачка инфраструктура, а правилниците го фаворизираат автомобилот и големите брзини, наместо безбедноста. 
● Јавниот простор во нашите градови е целосно преплавен со автомобили. Правото на слободно движење на пешаците, луѓето со велосипед, луѓето со количка, родителите со деца во колички, сите граѓани е оневозможено, дури и загрозен им е животот. 
●  Изложени сме на големо загадување од штетни гасови, тврди честички и бучава кои потекнуваат од обемниот и брз автомобилски сообраќај.
●  Населението практикува сè повеќе седечки начин на живот кој заедно со ефектите од претходните точки имаат сериозни здравствени последици. 

Поради сето ова и многу повеќе, сметаме дека овие барања треба задолжително да бидат вклучени во програмите на партиите, но да не останат само на ниво на ветување, туку да се имплементираат на национално ниво во најбрз можен рок, без дополнителни одложувања.

За да има поместување кон подобро, не се доволни само пар велосипедски патеки, туку мора да има и системски промени. 
Нужно е да се направи поместување во начинот на кој се планираат улиците и сообраќајот, начинот на кој се едуцираме за сообраќајот, начинот на кој казнува полицијата, начинот на кој го практикуваме сообраќајот, и од АВТОЦЕНТРИЧЕН МОДЕЛ да се пренасочиме кон МУЛТИМОДАЛЕН, модел во кој нема да сме целосно зависни од автомобилот, туку ќе ни се можни и достапни повеќе транспортни опции (пешачење, возење велосипед, користење јавен превоз, комбинирање на начините на превоз), ќе поттикне поздрави навики и ќе ги направи нашите градови и држава побезбедни, поздрави, попријатни и поатрактивни за живеење. 

Со почит,

НаТочак - Скопје, Битола На Точак, Прилеп На Точак, Гостивар На Точак, Тетово На Точак, Штип На Точак, Кочани На Точак

и сите потпишани граѓани

#МојатаЦрвенаВелолинија